December 10, 2022

Организаторот на Пивофест: Срамота е наши музичари да бараат 10.000 евра за еден час настап, кога народот живее со 300 евра месечно

Едноставно, нема логика наши музичари да бараат по 10.000 евра за еден час настап на Пивофест во Прилеп, кога знаеме дека во нашата земја најголемиот дел од народот живее со месечна плата од 300 евра.

Посебно во време на голема економска криза, наместо да се солидаризираат со народот, па да настапат за некоја симболична сума, многумина по примерот на регионалните пејачи, излегуваат со вртоглави побарувања – за ,,Фокус” вели Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција, кој е организатор на настанот годинава.


Големиот и популарен фестивал на пивото, скарата и музиката ќе се одржи од 14-ти до 17-ти јули, и веќе се објавија листите со музичките гости кои ќе ја забавуваат публиката во Прилеп.
Годинава акцентот е ставен на домашните музичари, но ќе има и неколку регионални гости.
Од Општина Прилеп одвоиле два милиони денари за настанот, а поддржан е и од спонзори.

-Не би сакал да ја коментирам објавата на музичарот Владимир Василевски – Четкар, кој вчера напишал дека поради финансиски проблеми на фестивалот неговиот настап е откажан. Деталите за тоа што се случило и зошто не бил постигнат договор со него ги имаат лицата од организација задолжени за финансискиот дел.

Но, имавме случаи кога наши музичари бараат навистина големи суми, се нема разбирање за актуелната ситуација, и на крај не се нашол заеднички јазик. Од друга страна пак, имавме и многу наши пејачи кои се согласија да настапат за навистина симболични суми, бидејќи чест им е да бидат дел од манифестацијата, да го расположат народот.

Па, дури и легендарниот Мајкл Џексон во тек на својот живот има одржано бесплатни концерти! Не е ова бунар без дно, треба да се биде реален во барањата, без оглед на популарноста.