December 2, 2022

Пале, жртва на насилство и на одлуката поради непостапувањето на надлежните да мора да го убие партнерот за да се спаси

Немој бе Александар, ќе ме убиеш” биле зборовите на Павина Илоска, Пале од Велес , девојката која го уби својот партнер поради семејно насилство. Ја тепал, а таа не знаела дали ќе остане жива. Нејзиниот партнер со кого живеела во вонбрачна заедница бил насилен, но никој не ги слушал укажувањата на жртвата. Денот кога таа одлучи да му зарие нож во срцето беше последица на клоците, тупаниците, давењето и навредите дека е курва.

Главна причина поради која жртвата не го пријавила насилството лично во полиција било поради тоа што нејзиниот партнер бил полицаец и колега на вработените во СВР Велес и ѝ се заканил дека доколку го пријави насилството, ќе ја убие со службениот пиштол.

Иако соседите и роднините на жртвата го пријавувале насилството во полиција наместо неа, сепак очигледно е дека полицијата не ги регистрирала пријавите од трети лица, не постапувала по пријавите и дозволила насилството врз оваа долгогодишна жртва да ескалира, е заклучокот на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Не знаев што допрев со раката, само се понадевав дека тоа што го допрев ќе ми го спаси животот. Длабоко жалам и се каам што поради мене е згаснат еден човечки живот, но ако не беше тој, ќе бев јас”, изјави жртвата на судењето пред Основниот суд Велес.

Судиите ја ослободија Пале и застанаа на нејзина страна иако и се судеше за убиство, но доказите ги покажаа модринките и видливи повреди кои оваа девојка ги имала како последица на ќотекот од кој се бранела.

Пале излезе на слобода, но на слобода не е и нејзината душа која цел живот ќе ги носи лузните и последиците од насилството и од фактот дека одземала човечки живот и тоа на оној со кого живеела подолго време.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во документот за јавни политики со наслов „Кој (не) може да пријави насилство“ му отстапи простор токму и на овој случај кој е прв меѓу неколкуте други.

„На 29 септември околу 2 часот и 20 минути, 40-годишен полицаец бил убиен во семејната куќа во Велес. Според информациите од МВР, полициски службеници од СВР Велес ја лишиле од слобода П.И.(23) од Велес поради сомнение дека го извршила убиството со остар предмет. Неофицијално станува збор за ,,љубовна драма”.

Медиумите известуваа за случајот со Пале од Валес, жртва на долгогодишно физичко и психичко семејно насилство од нејзиниот вонбрачен партнер, полицаец од Велес, кого таа го усмртила во момент на силна раздразнетост и во состојба на животна загрозеност, додека тој ја давел за врат.

На 14 февруари 2022 година по поднесен обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес беше одржано рочиште за сторено кривично дело Убиство во миг, во кој во својство на обвинета се јави жртвата Павлина Илоска.

Обвинението беше покренато со образложение дека „На 29.09.2021 година во временскиот период од 1:30 до 3:00 часот во семејната куќа во која живеела заедно со својот вонбрачен сопруг, сега покојниот Александар од Велес, го лишила од живот на миг доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на напад и семејно насилство од страна на убиениот кое го трпела повеќе години на начин што, откако се довел во алкохолизирана состојба, кога се вратиле од гости, започнал вербална расправија со обвинетата дека е курва, дека е недомаќинка, па кога со цел да ја спречи расправијата, обвинетата влегла во спалната соба за да спие, влегол и тој кога веќе била задремана, ја фатил за пижамата, ја влечел и ѝ ја скинал, па откако ја извлекол, во кујната ја изудирал со тупаници по увото, главата, левото рамо и со клоци во пределот на левата натколеница, по што ја фатил силно со рацете за вратот и почнал да ја дави од што таа не можела да диши, велејќи му „Немој, бе, Александар, ќе ме убиеш” и тогаш во состојба на силна раздразнетост како последица на нападот, го зела ножот со сечило 15 см што стоел на работната маса, кој се нашол блиску до неа и му нанела една убодна рана во предел на срцето со должина од 20 см, поради што дошло до пореметување и престанок на функционирање на срцето и смрт кај сега покојниот.

Жртвата и нејзиниот партнер се запознале во месец април 2015 година, кога таа имала 16 години, а тој 34 години. По кратко време, нејзиниот партнер започнал активно да конзумира алкохол, станал агресивен и отпрво почнал да ѝ врши психичко, а потоа и физичко насилство на Пале.

Насилството најчесто се состоело од навреди, пцовки, физичко малтретирање, кршење предмети во домот, вербални расправии итн.

На судењето на 14 февруари 2022 година, жртвата сподели дека во еден наврат кога била претепана од својот партнер, успеала да испрати порака на сестрата на нејзиниот партнер со која работеле на исто работно место во различни смени и ја замолила да повика полиција.

Сестрата на нејзиниот партнер ѝ потврдила дека ја примила пораката и дека повикала полиција, а следниот ден кога ја прашала жртвата дали полиција дошла кај нив, жртвата ѝ одговорила дека полиција не дошла во нивниот дом.

Дополнително, на самото рочиште беше истакнато од страна на сведок – сосед на жртвата, дека кога слушале кавга или тепачка кај нив, пријавувале во полиција, но овластени лица од СВР никогаш немале излезено на лице место.

Соседот на жртвата лично трипати го имал пријавено во полиција за вознемирување, но полиција никогаш не се појавила. Жртвата на рочиштето изјави дека честопати се сеќава на зборовите на својот партнер: Јас сум полицаец, мене никој ништо не ми може… Џабе пријавувате, гледате дека не доаѓа никој, па жртвата од страв од насилството го трпела тоа.

Три дена по одржаното рочиште, на 17 февруари 2022 година, откако јавноста беше информирана дека соседи и роднини во неколку наврати го пријавувале насилството, но полицијата не постапувала, Основното јавно обвинителство Велес информираше дека во СВР Велес не е пријавено семејно насилство од страна на жртвата. Надлежното обвинителство беше исто така усно известено од СВР Велес дека не се примени пријави од Илоска за семејно насилство извршено врз неа.

Главна причина поради која жртвата не го пријавила насилството лично во полиција било поради тоа што нејзиниот партнер бил полицаец и колега на вработените во СВР Велес и ѝ се заканил дека доколку го пријави насилството, ќе ја убие со службениот пиштол.

Иако соседите и роднините на жртвата го пријавувале насилството во полиција наместо неа, сепак очигледно е дека полицијата не ги регистрирала пријавите од трети лица, не постапувала по пријавите и дозволила насилството врз оваа долгогодишна жртва да ескалира.

„Не знаев што допрев со раката, само се понадевав дека тоа што го допрев ќе ми го спаси животот. Длабоко жалам и се каам што поради мене е згаснат еден човечки живот, но ако не беше тој, ќе бев јас”, изјави жртвата на судењето пред Основниот суд Велес. Основниот суд Велес на 15 февруари 2022 година ја ослободи жртвата од обвинение бидејќи за делото за кое таа се обвинува не е кривично дело според закон, односно дека делото е сторено во нужна одбрана под силна раздразнетост и дека жртвата, односно обвинетата, делото го сторила во континуитет, откако била доведена во безизлезна и животно загрозувачка состојба.

Доколку Министерството за внатрешни работи, поточно полициските службеници од СВР Велес ги регистрирале и постапиле по пријавите од трети лица односно соседите и роднините на жртвата, многу е веројатно дека насилството кое таа го трпела немало да ескалира бидејќи жртвата ќе била заштитена од страна на надлежните институции. Во конкретниот случај, со нерегистрирање и непостапување по пријавите на трети лица, насилството кон оваа жртва се смета како да не е пријавено бидејќи не фугурира како такво во СВР Велес. Со ова, полициските службеници буквално ја препуштиле жртвата на „милост и немилост” од страна на насилникот, односно дозволиле таа да се бори за да си го спаси својот живот за сметка на неговиот.

Доколку жртвата не успеала да се одбрани, таа ќе завршеше како уште еден случај во статистиката на фемициди. Дополнително, со непостапувањето на СВР Велес, жртвата не само што остана незаштитена од страна на надлежните институции, туку беше принудена да води и неколку месечна правна битка со државните органи во побивање на обвинението на Основното јавно обвинителство Велес, кое до последен миг ја теретеше за сторено кривично дело Убиство во миг“, е укажувањето на ХКЧП за овој случај.